Вкупно 17 златни, 5 сребрени и 13 бронзени медали за македонските таеквондисти на „Тирана Опен 2025“

by | Feb 24, 2025 | Достигнувања

Најдобрите македонски таеквондисти со 17 златни, 5 сребрени и 13 бронзени медали се вратија од Меѓународниот натпревар „Тирана Опен 2025“, кој викендов се одржа во Тирана, Албанија.

Одличниот старт на натпреварувачката година за Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација (МТТФ) е потврден и со 5 пехари за најдобри поединци.

– Едно од најзначајните достигнувања е и освојувањето на пехарот за второ место во екипна конкуренција. Македонската екипа составена од 19 натпреварувачи, 2 судии, 2 тренери и 3 официјални лица, учествуваше заедно со 18 клубови од 6 европски земји: Шведска, Грција, Хрватска, Косово, Албанија и Република Македонија. Конкуренцијата беше жестока, но нашите натпреварувачи, кои натпреваруваа во двете дисциплини-форми и борби, уште еднаш покажаа зошто сме горди на нив, информираат од Федерацијата.

Резултати по клубови:

– ТК „Хва Ранг ИТФ“ Лескоец, Охрид: 6 златни, 3 сребрени, 2 бронзени и 2 пехари за поединци.
– ТК „Мастер“ Охрид: 2 златни и 4 бронзени медали.
– ТК „Чонџи“ Косел, Охрид: 3 златни, 1 сребрен и пехар за најдобар поединец (кадет).
– ТК „Сонкал“ Мислешево, Струга: 5 златни, 1 сребрен, 4 бронзени медали и пехар за најдобар поединец (јуниор).
– ТК „Ахилиус“ Скопје: 3 златни, 1 сребрен, 2 бронзени медали и пехар за најдобар поединец (јуниорка).

Од МТТФ информираат дека на 15-ти март, во малата сала на СРЦ „Билјанини извори“, во организација на клубот „Мастер“ од Охрид, ќе се одржи Државното првенство во Таеквон-до, по што ќе продолжат подготовките за Европското првенство кое ќе се одржи во Талин, Естонија од 28-ми април до 4-ти мај 2025 година.