По највисоки стандарди се одржа Таеквондо турнирот „Охрид Опен“, охридски „Хва Ранг ИТФ“ освои 7 златни, 7 сребрени и 11 бронзени медали

by | Jun 24, 2025 | Натпревари

Охрид, 24. јуни 2025 (ОХРИДПРЕС) – По највисоки стандарди, викендов се одржа Mеѓународниот Таеквондо ИТФ турнир „Охрид Опен 2025“, на кој учествуваа над 270 натпреварувачи од 30 клубови од 8 земји – Италија, Хрватска, Бих, Србија, Бугарија, Грција, Албанија и домаќинот, Република Македонија.

„Охрид опен“ е дел од рејтинг листата на ИТФ, турнири кои носат критериуми за европски и светски првенства, што придонесе за поголема масовност на натпреварот. Учествуваа репрезентации на неколку држави, со што и квалитетот на натпреварот беше подигнат на повисоко ниво, во однос на минатата година.

– Овај натпревар го организиравме по сите највисоки светски ИТФ стандарди, со електронски судиски систем и можност за видео протест, за што беше лично задолжен Антон Аркхипов, кој е специјален асистент на претседателот на ИТФ, заштитник за сите податоци, со пренос во живо. За судиската екипа беше задолжен еден од најдобрите судии во светот, Мастер Вергилиј Ситнилски, носител на црн појас VII дан, потпретседател на судиската комисија на ИТФ, претседател на судискиот комитет за Источна Европа, и генерален секретар на Бугарската ИТФ федерација. Со своето искуство, тој помогна овој турнир да помине без никаков застој и во најдобар ред, вели претседателот на Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација Марјанчо Лазаревски.

Најтрофеен клуб од Република Македонија беше домаќинот, Таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид, чии членови освоија 7 златни, 7 сребрени и 11 бронзени медали. Миа Танеска освои пехар за најдобар поединец.

Најдобари клубови:

1. место: „Фалкон“, Благоевград, Бугарија,
2. место: „Василена“, Перник, Бугарија и
3. место: „Српски Соко“, Зворник, БиХ.