Во организација на Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација и Таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, викендов во СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид се одржа Меѓународниот Таеквон-до ИТФ натпревар „Охрид Опен 2024“.
Учествуваа над 300 натпреварувачи од 31 клуб од 10 земји од регионот: Романија, Молдавија, Словенија, Хрватска, Бих, Србија, Бугарија, Грција, Албанија и домаќинот, Република Македонија.
На натпреварот најмногу трофеи освои домаќинот, Таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, чии членови се закитија со два пехари за најдобри поединци, 5 златни, 11 сребрени и 7 бронзени медали. За најдобри клубови на натпреварот беа избрани „Фолкан“ од Благоевград, Бугарија, „Тајгер тим“ од Перник, Бугарија и „Василена“ од Перник, Бугарија.

„Охрид опен“ е ставен на рејтинг листата на ИТФ, каде што се собираат критериуми за европски и светски првенства, со што придонесе за поголема масовност на натпреварот, каде Бугарската ИТФ федерација учествуваше со над 180 членови. Имавме чест да учествуваат репрезентациите на неколку држави, со што беше подигнат и квалитетот на натпреварот на повисоко ниво во однос на минатата година, изјави Марјанчо Лазаревски, претседател на Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација, кој се заблагодари до генералниот спонзор „ПН Метал“, Општина Охрид и до Агенцијата за млади спорт.


