Лазаревски: На Меѓународниот таеквондо ИТФ натпревар „Охрид Опен” досега пријавени над 270 натпреварувачи од 8 земји

by | Jun 19, 2025 | Достигнувања, Натпревари

Охрид, 19. јуни 2025 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота во спортската сала „Билјанини извори“ ќе се одржи петтото издание на Меѓународниот таеквондо ИТФ натпревар „Ohrid Open 2025“, во организација на Македонската традиционална таеквондо федерација и таеквондо клуботот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец.

Претседателот на федерацијата Марјанчо Лазаревски за Супер радио и OhridPress информира дека досега се пријавени над 270 натпреварувачи, а рокот истекува вечерва во 24:00 часот.

– Пријавени се над 30 клубови од 8 земји, Македонија, Србија, Бугарија,Хрватска, Италија, Албанија, Грција и Босна и Херцеговина. Во однос на минатата година има две земји помалку, а бројот на натпреварувачи е поголем. Засега се пријавени над 270 натпреварувачи, а бројката може да се зголеми со оглед на тоа што рокот за пријавување истекува вечерва во 24:00 часот. Генерален спонзор е „ПН Метал“, а настанот е поддржан од Општина Охрид и Агенцијата за млади и спорт, вели Лазаревски.

Учесниците ќе се натпреваруваат во две дисциплини – форми и борби, а предвиден е и пренос во живо.

Почетокот на натпреварите е во 09:00 часот, а официјалното, свечено отворање е во 13:00 часот. Влезот ќе биде слободен.